Највисоките партиски тела на СДСМ и на ДУИ денеска ќе го разгледуваат договорот што вчера го постигнаа двајцата лидери Зоран Заев и Али Ахмети. Претседателот на Демократската унија за интеграција, Ахмети, свика седница на Централниот совет на ДУИ во 18 часот, а СДСМ вечерва во 20 часот ќе одржи седница на Централниот одбор.
Заев и Ахмети вчера соопштија дека постигнале договор за нова Влада со полн мандат од четири години. Според договореното, Владата ќе ја предводи Заев, а во последните 100 дена ќе биде назначен премиер по предлог на ДУИ. Според договореното, во Владата нема да се предлагаат министри без ресор, со исклучок на вицепремиерските места, а ќе се укине и пржинската влада.
Денеска реагираше и ВМРО-ДПМНЕ, чиј претседател, Христијан Мицкоски, вели дека „договорот Заев-Ахмети е договор за продолжување на криминалот, лагите и корупцијата“. Дафина Стојаноска, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, пак изјави дека „ставот на претседателот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и во минатото и денес е непроменет, односно дека техничката влада во ваков облик и форма е нефункционална и дека не треба да постои“.
Кандидатот за прв премиер Албанец, Насер Зибери, кој беше номиниран од ДУИ, само кратко изјави: Немам коментар.