МОН ги прифатил препораките на Комисијата за заразни болести за тоа на кој начин да продолжи образовниот процес од септември - Децата од 1 до 3 одделение наставата ќе ја следат со физичко присуство во училиште, со одобрение од родителот, а другите ќе учат онлајн, информираа денеска министерите за образование и за здрвство, Арбер Адеми и Венко Филипче.
Од ова ќе има два исклучока. Според едниот исклучок, и децата од прво до трето одделение ќе можат да ја следат наставата онлајн, но со барање на родителот. Втор исклучок ќе има и ќе се дава согласност за организирање на настава со физичко присуство онаму каде има многу мал број ученици, но и за тој случај е потребна согласност од родителите.
„Образовниот процес е од неспорно значење, но не смееме да го занемариме и здравствениот аспект. Одлучивме родителите на овие ученици да можат да одлучуваат дали детето да следи онлајн или физичка настава, како резултат на тоа што тие можеби имаат родители или баби и дедовци кои имаат хронични болести, па семејството е во поголем ризик. Вториот исклучок е во училиштата каде има мал број на ученици и тие ќе можат да следат настава со физичко присуство“, рече Филипче.
Министерот Адеми информираше дека во една училница не смее да има повеќе од 20 ученици, за да се спречи ширење на коронавирусот, а часовите во основното образование ќе се скратат од 40 на 30 минути,а во средните училиште од 45 минути, ќе се скрати на 35 минути.
„Владата ќе ги разгледа овие протоколи, а потоа ќе бидат доставени до општините. Ова е значајна, тешка одлука и затоа беа неопходни консултации. Од сите чинители се очекува максимална одговорност, за да не дојде до влошување на епидемиолошката состојба“, рече Адеми.