НБ: мерки за побрзо обештетување во случајот „Еуростандард“

По известувањето од Основниот граѓански суд Скопје дека е усвоен предлогот за отворање стечајна постапка над „Еуростандард банка“ АД Скопје и дека е определен стечаен управник, Народна банка штитејќи го интересот на депонентите и доверителите, активно ги презема сите активности што во периодот до отпочнување на стечајната постапка се нејзина законска надлежност, соопштија од Народна банка.

Оттаму посочуваат дека е заштитен имотот на Банката, во функција на обезбедување дел од предусловите за спроведување ефикасна и брза стечајна постапка во чии рамки треба да се наплатат побарувањата на доверителите и дел од депонентите.

Граѓаните кои на 12 август 2020 година извршиле готовински и безготовински трансакции преку „Еуростандард банка“ АД Скопје за плаќање сметки (струја, вода и др. давачки), вклучително и преку уплати во АД „Пошта на Северна Македонија“, соопштија од Народна банка, трансакциите ќе бидат реализирани во наредните неколку дена и нема потреба граѓаните да ги плаќаат истите сметки одново.

„Тимот на Народната банка е максимално посветен и за да придонесе за што побрзо завршување на сите административни процедури поврзани со исплатата на обесштетувањето на депозитите на граѓаните од страна на Фондот за осигурување на депозити“, се наведува во соопштението.