Од СДСМ денеска преку соопштение информираат дека продолжуваат конструктивните работни средби меѓу СДСМ и Коалиција "Можеме" и ДУИ, на ниво на генерални секретари, со цел обезбедување стабилна Влада која во полн четиригодишен мандат ќе ги испорача и оствари сите очекувани услуги и цели на граѓаните.
Во соопштението СДСМ наведува и дека откако двете партии ги утврдиле коалициските принципи и определби на евентуалната идна заедничка Влада, денеска се работело на усогласување на победничките изборни програми на двете партии и на создавање на четиригодишна програма за работа на идната Влада, во целост посветена на економијата, правдата, еднаквоста и интеграциите.
„Во тек е и распределбата на одговорностите според ресори во идната коалиција, процес во кој се постигнати добар напредок и начелни согласности“, наведуваат од СДСМ.
СДСМ која ја предводи коалицијата „Можеме“ на изборите што се одржаа на 15 јули, освои 46 пратеници, а ДУИ 15. Двете партии заедно имаат точно колку за владино мнозинство-61 пратеник. Партијата на Али Ахмети во предизборната кампања инсистираше дека новиот премиер ќе биде Албанец, што за СДСМ, како што изјавуваа челниците од таа партија, е неприфатливо.
Претседателот Стево Пендаровски на 13 август му го даде мандатот за формирање на влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев и од тогаш тече 20 дневниот уставен рок за формирање влада. ВМРО-ДПМНЕ, која освои 44 пратенички места смета дека Пендаровски му го дал мандатот на Заев неуставно, оти тој нема обезбедено владинот мнозинство. Во парламентот, во кој има 120 пратенички места, 12 пратеници ќе имаат и Алијанса за Албанците и Алтернатива, двајца ќе има Левица и еден ДПА.