Луѓе се собираат во Минск и други градови во Белорусија денеска, на според очекувањата на организаторите, најголемиот протест по изборите што се одржаа на 9 август, а на кои победи актуелниот претседател Александар Лукашенко. Тој се соочува со најголемиот притисок во своето 26-годишно владеење.
Претходно денеска на собирот на Плоштадот на независноста на кој излегоа неговите поддржувачи, а сега се очекува да се соберат опозиционерите, белорускиот претседател рече дека тенкови и авиони на НАТО биле распoредени на 15 минути од белоруската граница и дека соседните земји и наредувале на Белорусија да одржи нови избори, нешто што тој немало да го дозволи.
Лукашенко се обрати пред насобраните кратко откако официјален Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин му кажал на белорускиот лидер во денешниот телефонски разговор дека Москва е спремна да му овозможи помош во согласност со колективниот воен пакт, ако тоа е неопходно. Во истото соопштение се наведува дека врз Белорусија се врши надворешен притисок, но не се наведува од кого.
Протестите против Лукашенко почнаа по претседателските избори кои се одржаа на 9 август а на кои тој прогласи победа. Лидерката на опозицијата и кандидатка за претседателка на Белорусија Свјатлана Циханускаја, која ги поддржува протестите, ја напушти земјата и замина во Литванија. Според неа ниту едни избори во земјата кои ќе ги организира Лукашенко не може да се сметаат за фер и демократски од западните земји. Претходно лидерите на Полска, Естонија, Латвија и Литванија се понудија да посредуваат за решавање на белоруската криза.