Поранешната дополнителна заменичка министерка за финансии Гордана Димитриеска Кочоска денеска на прес конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ обвини дека секогаш кога СДСМ управува со државата пропаѓаат банки и има изневерени штедачи.
„Државава во својата триесет годишна историја зад себе има неколку големи банки кои пропаднаа и сите за време на владите на СДСМ или гувернери на НБРМ поставени од СДСМ, како што е пропаста на Алмако банка, ТАТ, Експорт Импорт банка, Македонска банка, Радо Банка, Југо банка, штедилниците ТАТ, Алфа С, Лавци. А во оваа неславна статистика од пред два дена се впишува и Еуростандард банка“, рече Димитриеска Кочоска.
Таа нагласи дека со овој најнов случај се продолжува праксата на измамени штедачи, пропаднати бизниси и удари врз финансиските текови. Според неа пропаѓањето на Еуростандард банка е поради скриени бизнис интереси на одредени структури.
„Одговорот на оваа дилема седи и во тоа кој предвреме ги извадил и повлекол парите од банката и кои компании блиски до власта најчесто соработувале со оваа банка“, рече Димитриеска Кочоска.
Деновиве во јавноста се појавија информации дека министерката за финансии Нина Ангеловска знаејќи дека Еуростандард банката ќе пропадне извлекла заштеда од 250 000 евра која ја имала во таа банка. Ангеловска денеска ги демантира ваквите наводи нагласувајќи дека не е точна ниту сумата која се наведува во текстовите. Таа тврди дека дел од парите ги повлекла за да купи стан.
Инаку Народната банка минатата недела одлучи да и ја одземе дозволата за работа на Еуростандард банката.