Ангеловска- повлеков дел од парите од „Еуростандард“ за да купам стан

Архивска фотографија- министерката за финансии Нина Ангеловска

Министерката за финансии Нина Ангеловска ги демантира информациите кои се пласираа во врска со повлекување на нејзините средства од „Еуростандард банка“, која е ставена во стечај, нагласувајќи дека не е точна ни сумата која се наведува во текстовите.

„Уште од минатата година преку половина од тие депозити се инвестирани во инвестициски фонд. Единствено што е точно во досега пласираните информации е дека сум имала депозит во „Евростандард банка“, истакна Ангеловска.

Таа посочи дека целосно е неточна информацијата дека нејзините средства ги префрлила во други банки или дека ги повлекла.

„Вистината е дека пред стапување на функцијата – Министер за финансии – овие мои лични средства, заработени пред да станам министер и уредно пријавени, беа наменети за бизнис инвестиции, а по стапувањето на функцијата, откако моите деловни активности ги ставив во втор план, дел од овие средства одлучив да ги искористам да го решам станбеното прашање, односно да купам сопствен стан со оглед на тоа што живеев под кирија“, тврди министерката.

Ваквата реакција следува откако во јавноста се појавија информации дека Ангеловска, знаејќи дека Еуростандард банката ќе пропадне извлекла заштеда од 250 000 евра која ја имала во таа банка. Народната банка минатата недела одлучи да и ја одземе дозволата за работа на Еуростандард банката.

Бизнисменот и поранешен градоначалник на Скопје Трифун Костовски, чие семејство стои зад таа банка рече дека правдата за случајот ќе ја бара надвор од земјата, дека вината ја лоцира во Управниот одбор на банката и ја обвини Народната банка за несоодветно постапување.