Здравствениот систем се подготвува за лоши сценарија со многу пациенти, но се надевам дека луѓето ќе бидат свесни и дека ќе се придржуваат до превентивните мерки, па нема да имаме такво сценарио, вели министерот за здравство Венко Филипче.
„Имаме план за дополнителни рестрикции согласно со некои мерки, ќе го промовираме наскоро. Тоа значи дополнителни рестрикции во региони каде што има појава на поголем број пациенти или е потенцијален ризик“, нагласува Филипче.
Тој во интервју за мкд.мк потенцира дека во опција како една од мерките е и враќање на полицискиот час, затворање на училиштата и угостителските објекти и забрана за собири, додавајќи дека во планот на рестрикции битен е и регионалниот пристап.
Инаку вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 12653, бројката на оздравени пациенти е 9123, на починати е 539, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2991.