Фондот ќе ги обесштети 99,4 проценти од физичките лица – депоненти во „Еуростандард банка“

Илустрација- зградата на Народна банка

Според податоците обезбедени од Еуростандард банка за состојба на 10 јули 2020 година вкупниот износ на депозитите на физички лица кои ќе бидат обесштетени од Фондот за сигурување на депозити изнесува околу 4,4 милијарди денари, вели во интервјуто за МИА Борче Хаџиев, директор на Фонд за сигурување на депозити. Тој додава дека од таму ќе бидат обесштетени депозитите на 99,4 проценти од физичките лица – депоненти во „Еуростандард банка“ АД Скопје.

Хаџиев по случувањата со „Еуростандард банка“, уверува дека депозитите на граѓаните се безбедни, а банкарскиот сектор е стабилен. Сепак, појаснува тој, депонентите-физички лица коишто имаат депозити во „Еуростандард банка“ АД Скопје повисоки од 30.000 евра, во рамки на обесштетувањето од страна на ФОД ќе им бидат исплатени средства до 30.000 евра во денарска противвредност, по лице.

Кој ќе си ги врати парите од Еуростандард банка?

Во меѓувреме од Комерцијална банка АД Скопје информираат дека нема побарувања од Еуростандард банка и нема хипотека на зградата на Еуростандард банка. Ова соопштение, како што наведуваат од банката, го објавуваат за да се спречле можните шпекулации, по прес-конференцијата на Трифун Костовски, чие семејство стои зад Еуростандард банката.

„Еуростандард банка нема обврски кон Комерцијална банка. Точно е дека компанијата Гофи користи долгорочен кредит од Комерцијална банка во износ од околу пет милиони евра. Побарувањето на Комерцијална банка по овој кредит е обезбедено со т.н. зграда на Поштенска банка и со дел од зградата Палата Македонија. Зградата на Еуростандард банка не е под хипотека во Комерцијална банка, како што можеше да се стекне впечаток од изјавите дадени на вчерашната прес-конференција“, се наведува во соопштението на Комерцијална банка.

Комитет за финансиска стабилност: Сите други банки се сигурни

Костовски вчера на прес конференција, рече дека правдата за случајот ќе ја бара надвор од земјата, дека вината ја лоцира во Управниот одбор на банката, ја обвини Народната банка, но и отвори сомнеж дека ова било долго планиран атак врз банката без да каже кој стои зад него.

НБРМ ја затвори Еуростандард банка

Народната банка неделава и ја одзема дозволата за работа на Еуростандард банката.