Телефонски разговор Путин-Лукашенко, продолжуваат протестите во Белорусија

Белорусија- луѓе положуваат цвеќе на местото на кое загина Алјаксандер Тарајковски, 34 годишен демонстрант, 15.08.2020

Белорускиот претседател Александар Лукашенко и неговиот руски колега Владимир Путин во телефонски разговор денеска дискутирале за ситуацијата во и околу Белорусија јавува руската агенција Интерфакс, а пренесува Ројтерс. Претходно Лукашенко рече дека сака да зборува со Путин нагласувајќи дека протестите во неговата земја, до кои дојде по изборите, не се закана само за Белорусија.

Масовни викенд протести во Белорусија

Неговата изјава доаѓа и додека илјадници Белоруси се на улиците седми ден по ред на мирни протести поради контроверзните избори што се одржаа на 9 август и прекумерната сила која беше употребена за да се загушат. Протестите низ целата земја преставуваат најголем предизвик за време на 26 годишното владеење на Лукашенко. Денеска илјадници луѓе се собраа на метро станицата Пушкинскаја во главниот град Минск во чест на Алјаксандер Тарајковски, 34 годишен демонстрант, кој загина на тоа место на 10 август, а чиј погреб треба да се одржи денеска.

Тепање и понижување во затворите во Белорусија

Најмалку две лица се убиени, а илјадници притворени на протестите кои следуваа по контроверзните избори на кои победи Лукашенко, кој е на власт во земјата од 1994 година. Денешниот собир во Минск се случува ден откако лидерката на опозицијата и кандидатка за претседателка на Белорусија Свјатлана Циханускаја, која ја напушти земјата и замина за Литванија, повика на мирни протести на 15 и 16 август. Во видео обраќањето вчера таа нагласи дека мнозинството не верува во победата на Лукашенко и побара од нејзините поддржувачи да излезат на протестите.

За утре во Минск е закажан „Марш за слобода“. Демонстрантите бараат да се поништат резултатите, да се организираат нови избори кои ќе ги спроведе нова Централна изборна комисија и да се ослободат политичките затвореници. Изборната комисија прогласи победа на Лукашенко со освоени 80 отсто од гласовите, додека неговата противкандидатка Свјатлана Циханускаја тврди дека освоила 60 до 70 отсто од гласовите.