Бугарскиот премиер Бојко Борисов, во денешното вонредно обраќање до нацијата, најави дека неговата парија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) ќе побара итна седница на Големото народно собрание, на која би бил донесен нов Устав и би биле распишани нови парламентарни избори, јави БГНЕС, пренесе МИА.
Веднаш по нивното распишување најави дека ќе поднесе оставка од премиерското место.
„Време е за одговорност и одлучност! Време е не само за смена на политичкиот систем, туку за рестартирање на државата. Неопходно е рестартирање на политичкиот модел и не може повеќе да се пролонгира! Единството, државноста и стабилноста на земјата за мене не се само прости зборови, тоа е основата од која сум тргнувал за секое решение“, посочи Борисов.
Тој наведе дека нов Устав барале и граѓаните и невладините организации, кој ќе биде во согласност со европските правила.
„Затоа предлагам свикување на Големото народно собрание, кое ќе спроведе уставни измени“, посочи Борисов.
Владата на Борисов преживеа едно гласање на недоверба, а низ речиси сите градови во Бугарија веќе неколку недели се организираат протести и се бара негова оставка поради „неуспешноста да се справи со корупцијата“.