Претседателот Стево Пендаровски на прес-конференција во Вила Водно по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека му го дал мандатот за формирање влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев зашто истекуваат уставните рокови. Ако Заев не успее да формира влада, ќе му го дадам мандатот на Мицкоски, рече тој.
„Не му барав гаранција за 61 пратеници на Заев, нема да му барам ни на Мицкоски“, рече Пендаровски.
Мицкоски смета дека со давањето на мандатот на Заев без обезбедено мнозинство од 61 пратеници е прекршен уставот. Пендаровски рече дека опозицијата тврди дека Собранието не е конституирано зашто не е избран претседател на Парламентот, но оти тој смета дека со верификација на мандатите на пратениците собранието е конституирано и тој веќе, според Уставот, мора да го довери мандатот за формирање влада.
Мицкоски со неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ дојде во Вила Водно да побара одговори зошто Пендаровски му го дал мандатот на Заев без обезбедено мнозинство. По средбата, тој рече дека неговата партија ги замрзнува односите со претседателот.
Пендаровски, пак, рече дека доколку Заев не успее да формира влада за 20 дена и го врати мандатот, Мицкоски ќе дојде кај него за доделување на мандатот, иако му се замрзнати односите.