Засега нема одлука за воведување ПЦР-тестови за граѓаните што транзитираат низ Македонија. На денешниот состанок на Комисијата за заразни болести била разгледана информацијата за воведување тестови при транзит на граѓаните од ризичните земји.
Од Комисијата соопштуваат дека ќе продолжат да ја следат ситуацијата и доколку се утврди дека има потреба, не се исклучени дополнителни мерки.
Со постојните мерки граѓаните што транзитираат низ земјава потпишуваат изјава дека за 3 часа ќе ја напуштат земјата и не претставуваат опасност за ширење на коронавирусот во нашата земја.
Оваа точка на состанокот следува откако во авионот што минатата сабота летал од Скопје за Финска, 24 патници биле позитивни на ковид-19. Повеќето од патниците, односно 95 лица што патувале од Скопје до Финска, биле косовски државјани и лица што имале фински документи, а само двајца летале со македонски пасош.