Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас му изрази незадоволство на американскиот државен секретар Мајк Помпео поради заканата на САД за санкции во врска со гасоводот „Северен тек 2“. Германско-рускиот проект, со кој треба да донесе руски гас од под Балтикот кон Германија, веќе долго време претставува извор на тензии меѓу САД и Германија.
Најновата причина е писмото на тројца републикански сенатори, кои се заканија со санкции.
Мас и Помпео телефонски разговарале за новиот развој на настаните и Мас изразил зачуденост од потегот на сенаторите кои се од партијата на претседателот Доналд Трамп.
Помпео: ќе сториме се за да го запреме Северен тек 2
Сенаторите Тед Круз, Том Котон и Тед Џонсон минатата недела преку писмо им се заканија на операторите на пристаништето во градот Засниц на балтичкиот остров Риген во Западна Померанија дека ќе им забранат влез во САД и ќе им го замрзнат имотот на американско тло. Во писмото се наведува дека ќе има санкции за „раководството, одборот на директори, службените лица, акционерите и вработените доколку не престанат да даваат стоки, услуги и поддршка за проектот „Северен тек 2“.
Тие го карактеризираат тој проект како „сериозна закана за енергетската безбедност на Европа и американските национални интереси“, пренесе агенцијата АП.
Трамп со години го критикува гасоводот меѓу Германија и Русија.
Проектот е вреден скоро 11 милијарди американски долари и е завршен повеќе до 90 отсто. Но работата е запрена откако Соединетите Држави донесоа закон во декември 2019 со кој се воведоа санкции за бродовите што го поставуваат гасоводот.