Моделот по кој ќе се одвива наставата од септември ќе се донесе врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести, одлучи Владата на денешната 80-тата седница. Во соопштението од владината прес-служба се наведува дека Владата ја усвои
Информација со План за одржување на наставата во училиштата во учебната 2020/2021 година на Министерството за образование и наука, и донесе заклучок таа да биде споделена со Комисијата за заразни болести, по што врз основа на мислењето на Комисијата ќе биде донесена одлука за моделот за организирање и спроведување на наставниот процес во основните и средните училишта.
Претходно министерот за здравство Венко Филипче рече дека став на Комисијата за заразни болести е наставата да почне да се одвива онлајн, освен за првачињата.
Филипче – Став на Комисијата е онлајн настава, освен за првачињата
На седницата е донесена и одлука во градскиот и меѓуградскиот превоз наместо досегашните протоколи за 50 отсто исполнетост, да се дозволи исполнетост најмногу до 75 отсто од вкупниот капацитет на возилата.
На предлог на Министерството за надворешни работи е усвоена информацијата за промена на статусот на Мисијата наМакедонија при НАТО во Постојана Делегација на Република Северна Македонија при НАТО во Брисел.
Владата донесе одлука со која им се овозможува во земјата да влезат и да престојуваат вооружени сили за да учествуваат на вежба. Одлуката се однесува на 170 припадници на Вооружените сили на Соединетите Американски Држави и 10 припадници на Вооружените сили на Република Полска од составот на КФОР, кои со возила, вооружување, материјално-технички средства и опрема, ќе дојдат во земјава за да одржат воена вежба заедно со АРМ на Криволак, од 19 август до 25 септември 2020 година.