За 25 години природниот прираст во земјава се намалил од 15736, на минус 601 лице, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Во 1994 година се родиле 15.736 лица повеќе од колку што умреле, а лани пак се родило 601 лице помалку отколку што умреле.
Податоците од публикацијата на ДЗС за Природно движење на населението во 2019 година, објавена пред една недела, покажуваат постојан пад на природниот прираст во последните 25 години. Ако во 1994 година тој бил 15772 лица, за пет години до 1998 година паднал на 10011 лица, односно се намалил за околу 5000. Од податоците се гледа дека во наредните години природниот прираст постепено се намалува за лани да биде негативен и да има повеќе умрени лица од родени.
Во овој период бројот на живородени се намалува од 31421 лице во 1994 година, на 19845 лани, што е намалување за околу 11 илјади родени. Во исто време, пак бројот на умрени се зголемил за околу 5000 лица, така што во 1994 имало 15649 умрени, а минатата година 20.446.
Најголемо учество во однос на вкупниот број раѓања по региони има Скопскиот со 38,1 отсто, а најмало Источниот регион со 6,3 проценти. Просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања во градските подрачја изнесува 29,8 години наспроти 28,2 години во селските подрачја. Просечната возраст кај првите раѓања во градските подрачја изнесува 28,5 години.