Брисел одби да и испорача на Шпанија каталонски политичар

Белгискиот суд денеска го одби барањето на Шпанија да и испорача поранешен каталонски политичар кого во својата земја го обвинуваат за улогата во спроведувањето на референдумот за независност на Каталонија. Шпанија го смета референдумот во северната покраина за нелегален.

Обвинителството во Брисел соопшти дека судот одлучил да не даде налог за апсење на поранешниот каталонски министер за култура Луис Пуиг со образложение дека „шпанските власти кои издале налог за такво нешто не се надлежни за тоа“.

Адвокатите на поранешниот министер тврдат дека шпанскиот Врховен суд нема надлежност да му суди и дека за тоа е надлежен само каталонскиот суд, а белгискиот суд, како што наведуваат, се согласил со тоа.

Белгискиот суд го одложи донесувањето на одлуката за екстрадиција на Пучдемон

Адвокатот Пол Бекет за новинарите изјави дека шпанскиот Устав дозволува Врховниот суд на земјата да издава ваков вид на налози за апсење само која станува збор за членови на Парламентот, но дека поранешниот каталонски министер никогаш не бил пратеник. Тој обвини дека шпанските власти го злоупотребуваат системот за издавање налози за апсење за политички цели

Поранешниот каталонски министер Пуиг живее во егзил во Белгија откако заедно со поранешниот каталонски претседател Карлес Пучдемон и уште неколку нивни соработници побегнаа во Белгија во октомври 2017, за да не бидат уапсени за нивната наводна улога во обидот да се отцепи регионот и да се одржи референдум за независност на Каталонија, што шпанската влада го забрани.