Кој ќе формира влада?

Зоран Заев, Мендух Тачи, Димитар Апасиев, Зијадин Села, Христијан Мицкоски и Али Ахмети

Меѓупартиските преговори за обезбедување мнозинство во Собранието за доделување мандат за формирање Влада веќе почнаа, и тоа е темата што главно доминира, покрај короната и експлозијата во пристаништето во Бејрут, во електронските и пишаните медиуми

Слободен печат на насловната ја отсликува неизвесната ситуација: „Порталите побрзи од политичарите во составувањето мнозинство – Уште мандатот недоделен, чаршијата стокми две влади!“

Нова Македонија ја објавува изјавата на портпаролот на ДУИ, Бујар Османи за ТВ 21 со која потврди дека во четвртокот почнале преговорите помеѓу Ахмети и Заев. „За шансите да се договорат за премиер Албанец, Османи вели дека ќе треба да се почека и дека не е коректно доколку ги објават сите позиции“, пренесува електронското издание на весникот дополнувајќи дека „ДУИ не исклучува средби ниту со други партии“, а за Османи е хипотетичко прашањето за можна коалиција ДУИ-ВМРО-ДПМНЕ и дека немало да ја остават државата без влада.

Вечер во четвртокот објави: „Мицкоски тргна кон правење нова Влада, средба со Али Ахмети. Откако Димитар Апасиев, лидерот на Левица, јавно соопшти дека двајцата пратеници од таа партија ќе го поддржат ВМРО-ДПМНЕ за состав на нова влада иако нема да бараат учество во неа, доколку Мицкоски обезбеди поддршка и од ДУИ, ќе ги има неопходните 61 пратеник, доволно за мандат и за нова влада“.

И порталот Република ја објавува веста дека е „Одржана средба Мицкоски - Ахмети“. Слободен печат со наслов со прашалник: „Влада на СДСМ со сите албански партии, поддржана од 74 пратеници?“

Независен весник со наслов: „Спинови и игри околу формирањето на Владата“, а во текстот пишува дека Бујар Османи ги демантирал информациите објавени во медиумите на албански јазик дека има договор помеѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ за влада и дека информацијата не потекнува од неговата партија, иако Независен весник смета дека практично, „ДУИ со неа си ја избилда преговарачката позиција“.

Видете и ова: Власта поважна од ветувањата и принципите

Пренесувајќи делови од интервјуто на министерот Венко Филипче за ТВ Канал 5, Вечер со вознемирувачки наслов: „Многу земји во светот очекуваат полошо корона сценарио наесен, па и ние. Спремни ли сме?“ Во текстот ги наведува зборовите на министерот дека се подготвуваат за многу полошо сценарио наесен и дека на тоа интензивно работат во изминатите повеќе од два месеца. „Филипче се надева дека такво сценарио ќе избегнат и е сигурен дека ќе го дочекаат подготвени“ – додава Вечер.

Филипче - Не може децата да не одат на училиште

Од истиот настап на министерот Филипче, Нова Македонија пренесува дека „Децата не можат да не одат на училиште – пред нас имаме два предизвика: отворање на градинките и училиштата и завршување на убавото време и појава на сезонски грип. Интензивно разговараме со двете министерства за протоколите. Вирусот е тука и нема да исчезне, не можеме да седиме затворени“ – го цитира Нова Македонија Филипче. Истиот весник исто така пренесува: „Еден месец пред вообичаениот почеток на учебната година родители со најава за бојкот. Бараат часовите да се одржуваат онлајн“.

Порталот Курир пишува: „Родителите поделени, Министерството за образование и наука најавува физичко присуство на часовите“.