Над половина родители, наставници и директори се за настава во школо

Според резултатите од истражувањето „Искуства и ставови за учењето на далечина за време на пандемијата на Ковид-19“, околу половина од анкетираните родители, директори и наставници сметаат дека треба да се продолжи со наставата во училиште од септември. Околу третина од родителите, директорите и наставниците се за комбиниран пристап во настава на далечина - комбинирање на одделенија или денови во неделата.

Истражувањето е спроведено од Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и УНИЦЕФ со финансиска поддршка од Владата на Обединетото Кралство и во соработка со истражувачкиот тим на Реактор-истражување. Во истражувањето, во кое биле опфатени околу 10 000 испитаници (210 директори на училишта, 6400 наставници и 3400 родители), било спроведено преку онлајн-анкета во јуни и јули. Резултатите денеска ги презентираше министерот за образование Арбер Адеми.

Речиси 59 проценти од анкетираните директори, 58 проценти од анкетираните наставници во основното и 48 проценти од средното образование, како и 46 проценти од анкетираните родители ја поддржале редовната настава во училница во согласност со протоколите. За поддршка на комбиниран модел на настава во училница и на далечинасе изјасниле 36 проценти од анкетираните директори, 33 проценти од наставниците во основното и 38 проценти од наставниците во средното образование, како и 35 проценти од родителите.