Социјалната мрежа Твитер му забрани на изборниот штаб на американскиот претседател Доналд Трамп да продолжи да испраќа пораки на Твитер од својата сметка (TeamTrump) сè додека не го повлече видеото во кое претседателот уверува дека децата не можат да бидат заразени со коронавирусот. "Оваа порака на Твитер ги крши регулативите на Твитер за дезинформации за ковид-19. Сопственикот на сметката треба да ја повлече таа порака пред да може повторно да испраќа пораки", рече портпаролот на Твитер.
Трамп сподели видеото со расистичка порака, па го избриша
Социјалната мрежа Фејсбук, од друга страна, го повлече видеото од сметката на шефот на државата затоа што, како што се тврди, вклучува лажни тврдења дека една група луѓе не можат да добијат ковид-19, што ги крши нејзините прописи за опасни дезинформации за болеста. Се чини дека изборниот штаб на Трамп се прилагоди на барањата на Твитер бидејќи нивната сметка сè уште беше активна синоќа и видеото исчезна, пренесува агенцијата Франс-Прес. Контроверзното видео го покажува американскиот претседател објаснувајќи за време на разговорот за „Фокс њуз“ дека децата се „скоро целосно“ имуни на коронавирусот заради нивната возраст.
Цукерберг негира дека имал таен договор со Трамп
„Тоа е уште еден доказ дека Силиконската долина е пристрасна против претседателот. Регулативите се применуваат само во една насока. Социјалните мрежи не се арбитри на вистината“, изјави Кортни Парела, портпарол на изборниот штаб на Трамп. Републиканците редовно ги прекоруваат Фејсбук, Твитер, ЈуТјуб (Гугл) затоа што ги цензурираат и ја поддржуваат спротивната страна. Доналд Трамп има повеќе од 80 милиони следбеници на Твитер.