Мицкоски: Ќе имаме средби, ама политиката не е пазар

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

ВМРО-ДПМНЕ е партија која ќе се обиде да обезбеди мнозинство, но не по секоја цена. За мене политиката е на ниво на филозофија, а не на пазар, изјави партискиот лидер Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција и додаде дека ќе имаат средби со останатите партии и за исходот јавноста ќе биде информирана.

Тој нагласи дека ако не успеат во тоа - остануваат во опозиција.

Без оглед на тоа дали ќе бидат власт или опозиција, рече Мицкоски, првата работа што ќе ја направат во Собранието е закон за испитување на потеклото на имот на политичарите и функционерите.

„Со нашето прво влегување во Влада ќе се предложи закон за испитување на потеклото на имот на сите лица кои се бават со политика или извршувале политички функции. Тоа и Заев го поддржа. Ние очекуваме голема поддршка од другите партии. За мене политиката е на ниво на филозофија, а не на пазар. Не треба власт по било која цена за да бидете на власт“, рече Мицкоски.

Во врска со лицата кои, како што рече, им приоаѓаат на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ за поддршка за нова влада, Мицкоски истакна дека знае за кого станува збор, но не сака да открие, со цел, како што рече, да не го наруши процесот на преговори за нова влада. Според него, нема ништо спорно некој да им пријде на пратениците од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, но да бара поддршка врз основа на програмски определби.

„Спорно е што им приоѓаат нудејќи им шест и седумцифрени суми, поволности за нив и нивните семејства“, рече Мицкоски на денешната прес-конференција.