Владимир Панчевски осуден на затворска казна од 3,5 години

Поранешниот претседател на Кривичен суд Скопје, Владимир Панчевски

Три години и шест месеци затворска казна доби поранешниот претседател на скопскиот Кривичен суд, Владимир Панчевски. Пресудата доцна вечерва ја објави судијката Валентина Ѓорѓиевска од Велешкиот суд.

Панчевски беше обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување бидејќи во периодот од 2013 до 2016 година, како претседател на Кривичниот суд, рачно доделувал предмети кај подобни судии, а не преку АКМИС системот. На ваков начин, според обвинението, распределил околу 40 предмети, меѓу кои и два случаи на Специјалното јавно обвинителство.

На експретседателот на Кривичен вечерва му истекува и притворот. Тој на 15 јули сам се пријави во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, откако три дена не беше достапен за полицијата.