Денеска добиваме нов Дом на демократијата на Северна Македонија и на сите македонски граѓани, изјави претседателот на СДСМ Зоран Заев во својата изјава по конститутивната седница на собранието и додаде дека се разговара исклучиво за формирање Влада која се грижи за сите граѓани подеднакво.
Лидерот на СДСМ не прецизираше со кого ќе преговараат или дали веќе имаат договор со некоја од партиите кои се дел од новиот парламентарен состав.
„Ќе разговараме за Влада која е решена и која ќе се бори со криминалот и корупцијата на сите нивоа. Особено внимание ќе посветиме на делот за прочистување на правосудството и на проверката на потекло на пари и капитал кај секој функционер, по пат на систем што заеднички ќе го договориме. Идните чинители во новата Влада ќе треба да се подготвени и за сериозна реформа на јавната администрација, за нова македонска економија“, рече Заев.
Тој очекува дека за 10-15 дена ќе има исход од овие преговори.