Средношколците повторно бараат конкретен план за образованието

Илустрација - ученици

Сојузот на средношколци објави неколку точки со загрижености за целата училишна заедница.

„Училиштата се во срцето на на општеството. Тие ги зближуваат заедниците и луѓето преку многу повеќе од самите образовни цели кои се во нивната срж. Тие мора да останат безбедни, добро опремени и управувани и поддржани од националните и локалните власти“, истакнуваат од Сојузот на средношколци кои денеска објавија насоки на кои треба да се внимава пред започнување на новата учебна година.

Видете и ова: Студенти и средношколци: Квалитетно образование, без компромис


На месец дена пред почетокот од учебната, надлежните се уште го утврдуваат планот за образованиот процес од септември. Средношколците од почетокот на кризата со КОВИД-19 истакнуваат на што треба да се работи за да не се загуби квалитетот на образованието и да се внимава на ширење на заразата.

„Кризата со КОВИД-19 влијаеше на многу училишни заедници низ Северна Македонија. Додека нашата земја спроведуваше привремено и целосно затворање на училиштата, образовниот персонал и учениците се прилагодија на вонредната состојба и се трудеа да најдат начини да продолжат да обезбедуваат и пристапуваат до квалитетно образование. Тековната пандемија нагласи, повеќе од кога и да било, дека образованието игра клучна улога во општеството, а училишните заедници во Македонија го прифатија предизвикот за преминување на далечинско образование и покрај погоре споменатите структурни и логистички пречки. Во време кога многу земји разгледуваат постепено отворање на општествата, вклучувајќи ги и училиштата, Северна Македонија нема ниту план за повторно отворање на училиштата заради непрофесионалното раководство што го има“, велат од Сојузот на средношколци.

Според нив, треба да се отворат училиштата само доколку е безбедно за сите. Тоа, според Сојузот на средношколци, подразбира следење на препораките за заштита од вирусот и да се внимава особено на учениците и вработените во училишата од ранливите категории. Дополнително, тие бараат и да се обезбеди психосоцијална и психолошка благосостојба на училишниот персонал и учениците. Понатаму, бараат особено претпазливо започнување на стручното образование, во однос на обуки и пракси.

„Далечинското учење ја прошири листата на веќе постојните нееднаквости, во врска со, меѓу другото, нееднаквиот пристап на домаќинствата до квалитетните дигитални алатки, материјали и мрежно поврзување. Постепеното отворање на училиштата ќе биде клучно решавањето на овој јаз и треба да биде предмет на темелна подотовка, за навремено да се обезбеди распоред и правилно да се спроведе“, велат од Сојузот на средношколци.

Потсетуваат дека мора да се обезбеди рамноправен пристап до квалитетно образование, за време и по пандемијата со КОВИД-19.

„Квалитетното образование е заеднички интерес за вработените во образованието, учениците и граѓаните. Кризата со КОВИД-19 несомнено го наруши нашиот училишен систем. Сега е време надлежните органи да соработуваат со училишната заедница за да се осигураат дека учениците и наставниците можат безбедно и постепено да се обединуваат“, изјавија од Сојузот на средношколци.

Средношколците ја заокружија минатата учебна година незадоволни од условите за далечинско учење. Тие тогаш објавија 13 препораки за далечинско учење.

Препораки од Сојуз на средношколци

Надлежните пак деновиве треба да го завршат планот за започнување на новата учебна година. Заменик министерката за образование Елизабета Наумовска пред празникот изјави дека работната група при МОН ќе има средба со Комисијата за заразни болести неделава со цел да се утврдат протоколите за наставата.