Филмски фестивал за анимиран филм

„Флипбук филм фестивал“

Првото издание на „Флипбук Филм Фестивал“, кој е настан за промовирање на уметноста на современиот европски авторски анимиран филм и на македонски авторски и студентски филмови ќе се одржи од 7 до 9 август во паркот на Младинскиот културен центар во Скопје.

Пристигнале над илјада кратки филмови од цела Европа, а селектирани се вкупно 87 филмови поделени во три натпреварувачки програми и панорама на европски анимиран филм.

Во главната категорија за најдобар анимиран филм се натпреваруваат 25 наслови, кои се најдобрите европски остварувања од минатата година, меѓу кои се победници на Санденс, Берлинале, Анеси и номинирани за Оскар. Понатаму, во категоријата за најдобар студентски анимиран филм се натпреваруваат 25 филмови, и тоа од најдобрите европски школи, како хрватската, белгиската, чешката и француската.

Новина за македонската публика е натпреварувачката селекција на анимиран документарен филм, хибридна филмска форма која станува значајна во последните десетина години кај многу документаристи и аниматори. Во главната студентска селексија и во панорамата ќе бидат прикажани осум македонски анимирани филмови, од кои повеќето се премиери за македонската публика.

Покрај физичкото издание на фестивалот со бесплатни филмски проекции и изложба на цртежи од анимирани филмови, „Флипбук филм фестивал“ ќе има и онлајн издание. Македонската публика ќе има можност преку платформата „Синесквер“ да ги гледа сите филмови, да гласа и да ја додели наградата за Најдобар анимиран филм од онлајн публиката. Исто така, ќе бидат одржани и онлајн работилници за сценарио, продукција и пост продукција на анимиран филм.

Настанот се организира со поддршка од Делегацијата на Европската Унија и Агенцијата за филм.