Министерката за економија денеска информираше дека во јули бил забележан прв месечен раст на приходите во буџетот од почетокот на ковид-19 кризата, со месечен раст од 1,4% во однос на лани.
Според податоците на министерството за финансии, ова се должи на растот на придонесите, но и на повеќе видови даноци.
„По реализацијата во јуни која бележеше значително подобра наплата на приходите од април и мај, по олабавување на рестрикциите и реотварање на економијата, резултатите за јули укажуваат дека ревитализацијата на економијата се одвива со добра динамика“, соопшти денеска министерката Ангеловска.
Според неа, вкупната наплата на приходи во јули изнесува 17,9 милијарди денари. Даночните приходи се наплатени во износ од 10,2 милијарди денари, или 1,7% помалку од лани. Данокот на додадена вредност за првпат од почетокот на кризата забележува раст во однос на минатата година од 1,2%, што следи по падот во јуни од 7,5%, и високиот пад во мај и април од -33 и -43,5% респективно. Се забележува и висок раст на увозните давачки од 18,3%, понатаму раст на персоналниот данок од 0,4%, додека помала наплата има кај акцизите и данокот на добивка.
Придонесите забележуваат раст од 11,9% во однос на истиот месец лани, со што продолжува добриот тренд на наплата на продонесите од јуни, кога беше забележана иста стапка на раст од 12,3%. Исто така, во најголем дел како резултат на преземените мерки во борба против ковид-19 кризата, расходната страна заклучно јули бележи раст од 11,6% на годишно ниво.