Дебар е одличен пример за верска толеранција и тој пример треба да биде применет и во други градови во нашава земја. Оваа порака денеска од седиштето на Дебарското муфтиштвo ја упатија отец Миле Ангеловски и дебарскиот муфтија Решат Качалнику на Бајрамската средба.
На оваа средба отец Ангеловски упати честитки по повод Курбан Бајрам на муфтиштвото и на сите верници муслимани од Дебарското муфтиштво што ги опфака општините Дебар, Центар Жупа и Маврово - Ростуше. Притоа отец Ангеловски истакна дека христијаните и муслиманите на овие простори секога биле и остануваат пријатели и имаат почит едни спрема други.
На средбата дебарскиот муфтија Решат Качалнику нагласи дека Дебар беше и останува град на верската и етничката толеранција и соживот. Соработката на верските заедници во овој регион е од големо значење и треба да биде пример и за другите региони во нашава земја, нагласи Качалнику.
На средбата е изнесена заедничката оценка дека искрените честитки, и желбата за мир, и почит му прилегаат на Дебар, бидејќи секогаш било така. И младите генерации ќе продолжат да ги почитуваат одличните односи на постарите генерации без разлика на нивната верска припадност, беше нагласено на средбата одржана по повод Курбан Бајрам. Поради мерките за заштита од ковид-19, средбата се одржа на четвртиот ден од празникот и тоа без делегации туку само помеѓу првите луѓе на МПЦ и ИВЗ во Дебар.