Истражувачите кои стојат зад една од двете руски кандидатски вакцини против новиот коронавирус, кои се во процес на одобрување во земјата, велат дека планираат да започнат со производство во ноември, оспорувајќи ги тврдењата на руските власти дека планираат голема кампања за вакцинирање во октомври.
Директорот на Државниот истражувачки центар за вирологија и биотехнологија Вектор, Ринат Максјутов, денеска процени дека неговата компанија ќе почне со производство на вакцината во ноември.
„Значи, кон крајот на годинава и почетокот на наредната, може да зборуваме за почеток на вакцинирањето барем на луѓето од ризичните категории и понатамошно преминување кон масовна вакцинација“, рече тој за телевизијата Росија 1.
СЗО очекува „долго траење“ на пандемијата на коронавирус
Руските власти постојано ветуваат агресивен распоред за вакцинација од болеста од која досега се заразија скоро 850 илјади Руси, а над 14 илјади починаа.
Министерот за здравство Михаил Мурашко вчера вети дека Русија ќе спроведе „обемна вакцинација“ во октомври и оти приоритет ќе имаат здравствените работници и наставниците. Тој не даде никакви детали ни за вакцината ни за програмата за вакцинација.
Претходно, новинската агенција Ројтерс, повикувајќи се на неименуван извор, објави дека првата руска вакцина за ковид-19 ќе добие владина дозвола во август.
Русија има два кандидати за вакцина – таа на Вектор и друга, развиена од Институтот Гамалеја од Москва во соработка со Министерството за одбрана. Само малку потврдени детали се објавени за секоја од овие вакцини.
Во светот има над 100 кандидати кои се обидуваат да развијат вакцина од вирусот кој се појави во Кина кон крајот на минатата година. Досега ширум светот се заразени скоро 18 милиони луѓе, а 685 илјади починаа. Најоптимистичките прогнози се дека вакцините против оваа болест ќе бидат одобрени пред крајот на оваа година.
Шефот на Американскиот центар за заразни болести Антони Фаучи на 31 јули изрази скептицизам за вакцините кои се развиваат во Русија и во Кина.
„Се надевам дека Русите и Кинезите навистина ја тестираат вакцината пред да му ја дадат некому“, рече тој во сведочењето пред Конгресот.