Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека времетраењето на пандемијата на коронавирус веројатно ќе биде долго, со оглед на тоа што многу земји забележуваат рекорден број заболени, а други се плашат од втор бран на вирусот. Нивната проценка доаѓа шест месеци откако го прогласија новиот коронавирус како закана за јавното здравје која предизвикува меѓународна загриженост.
По појавувањето во Кина кон крајот на минатата година, новиот коронавирус досега однесе повеќе од 681 илјади живот, а заразени се најмалку 17,17 милиони луѓе ширум светот. Пандемијата брзо се прошири низ целиот свет, што доведе до рестриктивни мерки и затворање на економиите во многу земји во обид да се забави ширењето.
Шефот на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус изјави дека последиците од пандемијата ќе бидат долготрајни.
„Пандемијата е здравствена криза што се случува еднаш на 100 години, а последиците ќе ги чувствуваме во наредните децении“, рече тој.
СЗО препорачува нијансирани и прагматични мерки за борба против ковид-19 за да се „намали ризикот од замор“ од мерките „во контекст на социо-економските притисоци“.