Лукашенко – Русија го прикрива обидот за дестабилизација на Белорусија

Претседателите на Русија и на Белорусија - Владимир Путин и Александар Лукашенко.

Белорускиот претседател Александар Лукашенко ја обвини Русија дека се обидува да го прикрие обидот да испрати 200 војници од приватна руска воена компанија во Белорусија, на мисија за дестабилизирање на земјата во пресрет на претседателските избори на 9 август.

Лукашенко ова го изјави вчера откако рече дека го прочитал првичниот извештај од истрагата за наводната завера од страна на членови на Вагнер груп, приватна руска воена компанија, за која се верува дека е под контрола на влијателен сојузник на рускиот претседател Владимир Путин.

Претходно, Руската амбасада во Минск соопшти дека нивни дипломати се сретнале со групата од 33 притворени припадници на Вагнер груп, кои беа уапсени од страна на белоруските власти.

Вагнер груп е руска фирма за која се верува дека е управувана од Евгениј Пригожин, влијателен руски бизнисмен близок до Путин. Нивните борци се појавуваа во конфликтите во Украина, Сирија и во Либија.

„Како што разбрав, ова е само првата група од 180 до 200 луѓе, што било планирано да бидат распоредени во Белорусија“, изјави вчера Лукашенко за државната новинска агенција БелТА.

„Обидот на Русија да ги прикрие трагите и да тврди дека доаѓањето на војниците било договорено со нас е тотална глупост“, рече Лукашенко.

Кремљ бара ослободување на приватните војници, велејќи дека нивното апсење било „неразумно“.