Девет години затвор за балканскиот наркобос Шариќ

Архивска фотографија - Дарко Шариќ во суд

Специјалниот суд во Белград го осуди денеска на вкупна казна од девет години затвор балканскиот наркобос Дарко Шариќ како организатор на криминална група, која „испрала“ повеќе од 20 милиони евра од шверц на кокаин. Освен него уште 16 луѓе се обвинети во случајот за перење пари од шверц на дрога.

На Шариќ му е изречена казна од седум години затвор за перење пари, а за поттикнување други лица на перење пари има пресуда од четири години, но како единствена казна судот му одреди девет години затвор.

Прогласен е виновен бидејќи валканите пари на криминалната група од шверц на кокаин ги инвестирал во легални бизниси.

Шариќ по сопствена желба не присуствуваше на изрекувањето на пресудата. Тој се наоѓа во притвор од март 2014 година, кога им се предаде на српските власти по повеќегодишно бегство.