Владата ја објави листата на фирми кои зеле државна помош, но на вработените не им исплатиле плати. Директорката на УЈП, Сања Лукаревска пред неколку дена соопшти дека неколку стотина фирми кои зеле државна помош за исплата на минимална плата од 14500 денари не им ги дале парите на работниците и во време на пандемија 1700 вработени останале без плата, а уште 52 илјади добиле пониска плата од минималната. Фирмите на тој начин за себе си задржале околу 2 милиони евра. Лукаревска се закани дека ако не ги исплатат платите, фирмите ќе бидат јавно објавени и ќе следи присилна наплата. Синдикатите, пак, бараат кривична одговорност од фирмите.
Владата одобри околу половина милијарда евра за помош за справување со економските последици од коронавирусот. Дел од средствата беа за одржување на ликвидноста на компаниите, како помош за исплата на плата за да се зачуваат работните места.