Трамп навести можно одложување на претседателските избори

Американскиот претседател Доналд Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп навести можност за одложување на претседателските избори во ноември поради неоснованите стравувања дека зголеменото гласање по пошта може да резултира со измама и неточни резултати. Само Конгресот може да донесе одлука за одложување на изборите.

Денеска на Твитер тој напиша дека со универзалното гласање по пошта, ова „ќе бидат најнеточните и измамнички избори во историјата“.

„Одложување на изборите додека луѓето не можат правилно, безбедно и сигурно да гласаат???“ додаде тој.

Трамп нема овластување да ги одложи изборите. Датумите на федералните избори во САД, на првиот вторник во ноември, се законски утврдени и само Конгресот може да ги промени.

Според Уставот, новиот Конгрес мора да положи заклетва на 3 јануари, а претседателскиот мандат почнува на 20 јануари, така што тоа уште повеќе го стеснува просторот за нов датум за изборите.

Поради големиот број новозаболен и починати од коронавирус во САД, сојузните држави сакаат да го направат гласањето по пошта подостапно.

Трамп, кој се обидува да добие втор мандат на претседателската позиција, одамна објавува неосновани обвинувања дека зголеменото гласање по пошта како резултат на пандемијата ќе резултира со измама.

Околу половина од американските сојузни држави дозволуваат секој регистриран гласач по свое барање да може да гласа по пошта. Пет држави – Колорадо, Хаваи, Орегон, Јута и Вашингтон, главно, но не исклучиво, се потпираат на гласање по пошта.

Критичарите на поштенското гласање тврдат дека луѓето би можеле да гласаат повеќе од еднаш – преку гласачки ливчиња на отсутните и лично. Сепак, според експертите за безбедност на изборите, нема докази за широко распространета измама.

САД се најтешко погодена земја од пандемијата на коронавирус, со повеќе од 4,4 милиони регистрирани случаи и над 150 илјади починати.