Српскиот претседател Александар Вучиќ ги обвини САД и другите западни земји дека ги вооружуваат соседите на Србија, кои се членки на НАТО, и Косово.
„Американците, Турците и Германците се грижат за нивното сакано чедо“, рече Вучиќ, алудирајќи на Косово.
Тој рече дека Вашингтон неодамна испорачал оклопни возила за косовските безбедносни сили.
Вучиќ изјави дека се започнати „одредени иницијативи“ за зајакнување на српското воено воздухопловство, особено бомбардерските компоненти.
Тој рече дека ќе се зајакне и капацитетот на противвоздушната одбрана.
„Во голема мера ја обновивме бомбардерската авијација, денес имаме десет „Орли “, исто така имаме„ Супер галеби Г-4“ што можеме да ги користиме во тие акции, но тоа мора да биде многу повеќе. Ќе гледаме да купиме ловци-бомбардери кои се способни да водат блиска борба во воздух, но и да дејствуваат против цели на теренот“, изјави Вучиќ пред новинарите по посетата на припадниците на 15-от тенковски баталјон на српската војска во Сремска Митровица.
Наведувајќи дека ситуацијата во военото воздухопловство и противвоздушната одбрана е многу подобра отколку што била претходно, Вучиќ рече дека во моментов се на располагање десет ловечки авиони МиГ-29 и најави дека за „два или три месеци“ тој број ќе се зголеми на 14, откако ќе бидат доставени уште четири авиони од Белорусија.
Тој не кажа што планира точно Србија да купи, но провладините медиуми објавија дека Белград побарал 20 воени авиони, но не е објавено какви. Според извештаите, ако Вашингтон не ги испорача авионите, Белград веројатно ќе се сврти кон Русија за набавка на Сухој 25.
Србија неодамна доби софистициран противвоздушен систем од Русија, која исто така обезбеди воени авиони и хеликоптери и оклопни возила. Кина, пак, на Србија ѝ испорача беспилотни летала.
Американски претставници во минатото отворено зборуваа за воведување санкции против Србија ако Москва продолжи да испраќа оружје во земјата, особено такво кое може да ја загрози безбедноста на соседните земји, кои се членки на НАТО.