Азербејџанци и Ерменци се тепаат низ Москва по неодамнешните гранични судири меѓу двете кавкаски држави. Полицијата во Москва вчера соопшти дека уапсила повеќе од 30 луѓе поради учество во тепачки и немири. Полицијата уапсила десетици луѓе во Санкт Петерсбург за да спречи нови судири меѓу ерменската и азербејџанската заедница.
Серијата насилства наводно почнала кога групи Азербејџанци претепале Ерменци во Москва на 24 јули, а потоа нападнале продавници во сопственост на Ерменци.
На аматерска видео снимка објавена на интернет се гледа како неколку луѓе демолираат автомобил со ерменски регистарски таблички и го претепуваат возачот.
Руската државна новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на полициски извори, објави дека група Азербејџанци на 24 јули нападнале продавница за градежни материјали во сопственост на Ерменци во Москва. Група од седуммина Ерменци истиот ден нападнале азербејџански ресторан во градот. Потоа почнале меѓусебно да напаѓаат дуќани во главниот град на Русија.
Се чини дека повиците за воздржаност од ерменски и азербејџански дипломати и други претставници немаат ефект, зашто тепачките продолжија.
Сојузот на Ерменци во Русија соопшти дека претставници на Федералната служба за безбедност, наследник на КГБ, на 24 јули одржале средби со претставници на ерменската заедница да разговараат за насилствата и ветиле дека поттикнувачите ќе бидат казнети.
Тепачките низ Москва уследија по новите судири меѓу двете соседни земји на Јужен Кавказ претходно овој месец.
Судирите почнаа на 12 јули, а загинаа најмалку 12 азербејџански војници, меѓу кои и генерал, и најмалку четворица ерменски војници. Судирите, во кои била користена артилерија и напади со дронови, престанаа по неколку дена.
Ерменија и Азербејџан водеа војна за спорниот регион Нагорно-Карабах на крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите години од минатиот век, за време на распадот на СССР. Во војната загинаа околу 30 илјади луѓе.
Нагорно-Карабах е дел од претежно муслиманскиот Азербејџан, но е под контрола на претежно христијанските ерменски сепаратисти.
Русија, САД и Франција со години се обидуваат да посредуваат за решавање на конфликтот преку ОБСЕ.