Според процената на населението, на крајот на минатата година во земјава имало 2 076 255 жители, што е за 7 083 лица повеќе во однос на 2014 година и 23 533 лица повеќе во однос на 2009 година. Во периодот од 2009 до 2019 година, се забележува континуирано зголемување на доселените странци.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во истиот период бројот на живородените деца е намален, а бројот на починатите лица е зголемен.
Во однос на старосната структура, македонското население сè повеќе старее. Во периодот од 2009 до 2019 година, учеството на младото население (0-14 години) во вкупното население е намалено од 17,7 на 16,2 отсто, а учеството на старото население (65 и повеќе години) е зголемено од 11,6 проценти на 14,5 отсто.
Во периодот од 2009 до 2019 година, ДЗС бележи дека бројот на живородените деца е намален за 3 839 или за 16,2 отсто.
Промените во старосната структура на населението имаат своја рефлексија врз бројот на починатите лица во земјата. Бројот на починати придонесе за зголемување на стапката на морталитет, која во 2019 година изнесува 9,8 ‰ (починати на 1000 население).
Според податоците на Државниот завод за статистика, во земјава лани се регистрирани 19.845 живородени и 20.446 починати лица, со што природниот прираст е негативен и изнесува – 601.