Ромите во државава се соочуваат со понеповолна здравствена состојба од останатото население. Имено, новороденечката смртност меѓу Ромите е за 1,5 пати повисока за разлика од македонското население во 2017 година. Во истата година речиси 50 отсто од смртните случаи кај Ромите се случиле пред 65-та година од животот, за разлика од 23 отсто кај останатото население, соопштија од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.
Тие посочуваат дека во врска со пристапот до здравствена заштита, со посебен фокус на репродуктивното здравје на жените и здравјето на мајките и децата детектирале проблеми кои се однесуваат на тоа дека во општината Шуто Оризари 46 отсто од жените Ромки немаат избрано матичен гинеколог, пред се поради фактот што во општината имаше само еден матичен гинеколог, кој потоа замина од општината, а останатите матични гинеколози се наоѓаат во другите општини и жените треба да се изложат на дополнителни трошоци и да одвојат повеќе време за да ги посетат.
Според здружението, само 31 отсто од жените Ромки биле да направат превентивен гинеколошки преглед во изминатите 12 месеци. Останатите жени прават превентивни прегледи поретко, или воопшто не одат на превентивни прегледи, туку посетуваат гинеколог за време на бременост или кога имаат здравствени проблеми, што претставува сериозен ризик фактор по однос на репродуктивното и целокупното здравје на жените.