Константин Качев е уметник, сликар, вистински мајстор на својот занает. Еден од оние кои безрезервно и се предал на својата професија. Кај него во творештвото нема компромиси и она што постојано го потенцира е дека се труди, упорно се труди да си остане свој. Од таму нималку не е чудо што, како што вели, по 16 часа е во ателјето и постојано „мачка нешто на платната за да не останат бели“. И, што „онака оптимистички, растеретен од влијанијата, со својот ликовен јазик, секогаш сонува за добро“.
Инаку, роден 1967 година во Ташкент, поранешен СССР, по преселбата со родителите во Скопје најнапред завршува Училиште за применета уметност и потоа ги започнува студиите на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
Дипломирал во 1996 година и потоа неколку години работел како надворешен соработник на Заводот за заштита на спомениците во културата во Република Македонија и реставратор на ѕидно сликарство. Во 2004 два месеца престојувал во Париз, Франција, за да веќе наредната година ги има своите први изложби во Сите дес артс во Париз и потоа во Њујорк. Потем следуваат самостојните изложби во Скопје и во Охрид, а во 2010 учествувал на престижната изложба Art en Capital која се одржуваше во Le Grand Palais во Париз. Таму ја добива високата награда Medalle de Bronze од Друштвото на ликовните уметници во Париз.
Наредното лето во Берлин го претставува својот проект „Емигрант“ кој потем ќе биде разработен на ликовната колонија во Битола „Нижо поле“ со предзнак „македонски“. Циклусот ќе биде претставен на манифестацијата „Гевгелија-град на културата 2011“, а во тој период, ги добива наградите Сребрен Медал на изложбата во Grand Palais, во Париз, наградата „Димитар Кондовски“ на ДЛУМ, во 2012 Златен медал повторно во Grand Palais и згора на тоа Високото признание од ACADEMIE DES BEAUX ARTS PARIS и уште наградата - TAYLOR PRIX.
Како резултат на тоа следуваат повторно изложби, една во Њујорк, две во Париз, па во Софија, соседна Бугарија, две дома во Скопје - „НЛБ галерија“ и „Матица ексклузив“, и повторно нов круг во странство.
Конечно Качев соработува со неколку позначајни европски галерии каде што е постојано присутен со своите дела, а интересно е и тоа што за целото ова време тој беше еден од членовите на најзначајниот македонски и регионален хеви-метал бенд САНАТОРИУМ кој освен неколкуте албумски изданија имаше исклучително успешна серија на концерти на големите рок концерти на отворено во овој дел од светот.
Неодамна во професионалната, сликарска биографија на Константин Качев се забележани уште неколку престижни награди, два златни и по еден сребрен и бронзен медал, освоени на арт фестивалот „Купот на Русија“. Што значи ова за Вас како уметник, како творец ако се има на ум реномето на оваа манифестација?
Ако гледаме пошироко на зборот „награда“ - само по себе нешто значи, нели? А посебно кога е тоа конкретна награда, за конкретно дело. За секој уметник најголемата награда е признанието од публиката. Нема ништо поубаво од тоа, верувајте ми. Тоа го знам од искуство и го имам почувствувано на своја кожа и на музички план, како член на САНАТОРИУМ и на ликовен план како самостоен автор, претставувајќи се во повеќе земји и изложби со своите дела. Инаку, овие награди ми значат многу. Двојно, бидејќи и моето потекло е од тие простори каде што уметноста, спортот, патриотизмот...секогаш биле на највисоко ниво. Токму во поранешниот СССР сум ги поминал првите чекори и школата во сликарството и во спортот. И знаејќи колку ТАМУ се цени уметноста, навистина ми е драго и дури малку неверојатно едно такво високо признание. Една голема награда од тие простори! А, овде таа награда всушност значи дури четири престижни признанија. Ништо помалку е возбудливо да добиеш и награда во Париз или Берлин... Имам и домашни награди кои што ми се особено драги зашто не треба да се заборави и домашната публика.
Со овие награди, покрај веќе Златниот и Сребрениот медал на изложбите во Париз, Франција во 2011 и една година подоцна, потем наградата „Димитар Кондовски“ на ДЛУМ во истиот период, Бронзениот медал од Друштвото на ликовните уметници од Париз, Качев влегува во редот на македонските уметници за кои може да се каже дека имаат убав пробив на светската ликовна сцена. Колку наградите помагаат во промоција на творештвото на еден автор надвор од неговата татковина?
Помагаат многу. Нормално, прво за тие награди треба да се ИЗБОРИШ. За тоа требаат и средства и време и нерви...и работа. Упорно залагање и пробивање ѕидови. Посебно ако се има во предвид и големата разлика во стандардот на живеење... Но во суштина на сето тоа веднаш забораваш кога ќе се најдеш во средина со врвни професионалци, мајстори на својот занает, кустоси и критичари кои ја разбираат уметноста во вистинска смисла, и публика која не доаѓа со организирани автобуси туку ПЛАЌА БИЛЕТИ за да влезе во ексклузивните салони за да гледа уметност и да учествува директно во тие настани. Сето тоа собрано во едно ти дава голема желба и поттик да се посветиш уште повеќе. Звучи чудно, знам, но некако така е. Тоа е чувство, и тука не можеш да се лажеш себе си...
Од друга страна колку успехот, особено оној во светот, подразбира и валоризација на неговиот труд во матичната средина? Константин Качев е сеуште дома и комуницира со светот водејќи ги битките со платната и со четките креирајќи во сопственото студио во Скопје.
Не знам. Навистина. Едноставно - тоа ти е работа, ја работиш со љубов и емоции, се истураш на платната, црташ, сликаш...едноставно МЕДИТИРАШ на некој начин... не мислиш што после. Не мислиш ниту на наградите, ниту на успехот. Едноставно на платната им се посветуваш целосно, без остаток (дури си во ателјето)...Останатото си доаѓа само по себе...Понекогаш дури не се ни сеќавам како точно ми поминал денот (се надевам има луѓе кои ме разбираат). Матичната средина има влијание, да, но исто како и надворешните случувања во светот, животот, секојдневието...Можеби треба да се научиме повеќе да НЕ им подлегнуваме на одредени фактори кои негативно влијаат на уметникот, не знам. Се трудам сржта да ја зачувам некако во себе од тие влијанија. Да си останам свој.
Кога денес ќе се вратите назад, на самите почетоци, дали ова беше сонот што го сонувавте? Каков беше вашиот влез во ликовната уметност? Од кого учевте и кој изврши најмногу влијание на вашето творештво?
Па можам да речам – ДА. Тоа е тоа. За ова сонував и сеуште сонувам. Уште од самите почетоци на моето „сликарство“ од раните школски години во СССР посетував курсеви... кога за тоа имав време зашто бев премногу ангажиран во спортот. После се случи нагла промена и се преселивме во тогашна СФРЈ. Наеднаш други погледи, повеќе информација, запознавање до друга уметност, со нашите мајстори... Во средно Уметничко првото запознавање ми беше со Ангеле Габровски, Џото...Понатака на Академија веќе бев воден од наши врвни професори како Родољуб Анастасов, Танас Луловски и Симон Шемов...Можам слободно да речам дека научив од сите по нешто. Од Анастасов ги научив добрата дисциплина и длабоките основи на цртањето. Од Тане-научив како да бидам дрзок (во позитивна смисла), да грабам, и да не потклекнувам на компромиси. Од Шемов научив како да се откријам себеси, да се пронајдам самиот.
Како стигнавте до посебноста, до личниот авторски белег што како уметник го оставате зад себе? Каков е вашиот пристап на секое идно бело платно? Може ли во денешно време, време на купишта од информации и влијанија да се биде свој, да се биде оригинален на некој начин?
Секогаш може ако се сака. Влијанијата затоа се ВЛИЈАНИЈА, за да влијаат нели? И од тоа не смееме да бегаме. Да, треба да се бара нешто ново, но не треба тоа да се прави со „насилна“ мисла дека сега ти ќе им покажеш на сите, ќе откриеш „топла вода“. Не. Само со работа, експерименти во живописот и со повремена анализа ...онака, кога ќе ти дојде, ако ти дојде... може да се следи нешто, да се постигне или да се примети некој напредок. Топлата вода не треба да ја откриваме или повторно да измислуваме тркало. Треба само паметно да се искористи тоа. Да се биде под нечие влијание - тоа е среќа доколку СВЕСНО и ПРИВРЕМЕНО си допушташ такво нешто, доколку привремено и свесно си дозволуваш таков луксуз. Бидејќи ако НЕСВЕСНО си нон-стоп под едно влијание, без да посакаш да се ослободиш од истото (парадокс нели)-тогаш умираш како уметник.
Иако имате бројни претставување во земјава, по светот – изложби во Франција, САД, Русија, Германија, Бугарија... сепак имам впечаток дека многу внимателно ги димензионирате средбите со публиката. Ве има само тогаш кога имате нешто ново да и понудите на ликовната публика и на културната јавност?
Мислам дека не треба да се силува публиката со сè и сешто. Замисли Металика да ти свират во дворот секој ден-па на клоци би ги избркал! Значи, едноставно не треба да се претерува со крајности. Лошо е кога те нема, кога долго време си отсутен. Но исто така воопшто не е добро ако секој ден те гледаат на сите можни манифестации и случувања. Сепак, има настани на кои или не треба да си присутен или ако веќе си таму - треба да се осмисли некаква стратегија. Да, стратегија. Тука има и многу други фактори. Добивам премногу пораки и покани за учество на изложби, фестивали, саеми... Но не можеш да си присутен секаде во исто време, а најлошо со ИСТИТЕ ДЕЛА ДА СЕ ВРТИШ две - три години... Значи секогаш барам „ЗЛАТНА СРЕДИНА“...А тоа е тешко остварливо.
Работите ли сега на нова изложба? Кога да ве очекуваме со новиот циклус или со делата настанати во овие кризни, изолациски времиња? Имавте ли сили да работите, да креирате во изминативе неколку месеци...и во кој правец ве одведоа околностите во кои живеевме?
Секогаш работам на нешто ново, како да треба да се спремам за изложба. Некогаш има застој, креативна криза, други обврски...но катадневно нешто се „мачка“, нешто се поставува на платната ...да не бидат бели... се прави нешто за „подобри времиња“. Секогаш, во сите времиња, уметниците ги чувствуваат промените или кризите на свој начин, сакајќи да се изразат на своите платна. Така и сега, јас под влијание на ковид-19 не бев исклучен од тие впечатоци. Имам направено неколку слики и се уште правам, со ознака „Ц-19“. Работам постојано, и за време на кризата, и за време на полициски час, работам по 10-14 часа на ден. Едноставно-секогаш работам, не можам без сликање...
Која е следната станица во светот која ќе има можност да ја види вашата уметност? Има ли шанси тоа да биде сторено во блиска иднина или ќе чекате да помине сето ова за да ја продолжите серијата на претставувања во Европа?
Како што иде времето-следната станица може да биде Месечината или Марс, којзнае...?! Шала на страна-се подготвувам за изложбата во Гранд-Пале, Париз, а во преговори сум и со неколку галерии во Европа и во САД. За Русија сега е тешко поради пандемијата (впрочем како и секаде низ светот). Веројатно многу од плановите и изложбите ќе бидат пореметени, откажани, променети...но тоа не значи дека треба да седнеме и да плачеме. Веројатно нешто ќе се случи позитивно, човекот е сам по себе е НАЈГОЛЕМОТО ПРОТИВРЕЧИЕ. Од една страна уништува, од друга страна создава...Јас сум оптимист по природа и верувам дека сè ќе биде во ред. Тоа ме одржува во животот, креацијата... Секогаш сонувам за ДОБРОТО.
И, конечно Константин Качев до пред половина декада водеше паралелен живот во уметноста. Беше сликар, но и гитарист во најзначајниот македонски метал бенд САНАТОРИУМ со кои сними неколку албуми. Сега ве нема повеќе со дружината. На што се должи вашата одлука да си заминете од групата и имате ли воопшто и натаму желба одвреме навреме да посегнете по инструментот, да засвирите?
Хаха! Малку скокотливо прашање...Но ќе бидам искрен , можеби и момците за прв пат ќе го слушнат вистинскиот одговор:
Страшно ме револтираше пасивноста на бендот во однос на правење материјал, влегување во студио (кога веќе беше спремно сè), се поретко собирање за проби...
Тоа не е само нивна вина, не. И моја е, нормално. Причината е што сите ние сме со различни обврски, тајминзи... Јас сум така направен-да не можам да функционирам со паузи и стопки...Или правам или оставам. Така се случи и со бендот.
И последна причина (произлегува од претходните две): долго време си мислев не КАКО ДА ГО НАПРАВАМ ТОА (да излезам од бендот) туку ШТО БИ ПРАВЕЛЕ „САНАТОРИУМ“ ПОСЛЕ ТОА? Долго размислував...Кога бев убеден дека Боби ( гитаристот Бобан Василевски н.з) би можел достојно да ме замени - се решив. Се решив на најбезболен начин да направам таков чекор за да не ги оштетам ниту моите другари, ниту публиката. И мислам дека не погрешив. Сега е ОК.
Ми фали бендот, секако. И свирките и пробите и дружењето, но сепак...се одлучив за подобро решение. Тоа воопшто не беше лесна одлука.