УЈП ќе прави нова пресметка за повратот на ДДВ

Управа за јавни приходи

УЈП од 12 јуни годинава ќе прави нова пресметка на повратот на ДДВ кај граѓаните, за второто тримесечје, поради измената, кај македонските производи да се врши поврат од 20 отсто, а кај странските од 10 отсто. Заради тоа, појаснуваат од УЈП, износот на повратот на ДДВ кај физичките лица за второто тримесечје може да претрпи промена, соопшти Управата.

„Со Уредба со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физички лица за време на вонредна состојба (,,Службен Весник на РСМ бр.156/2020 од 12.06.2020”) е регулирано – враќањето на делот од данокот на додадена вредност пресметан на прометот на македонски добра и услуги се врши во висина од 20 отсто, а за останати добра и услуги се врши во висина од 10 отсто, од пресметаниот данок на додадена вредност искажан во поединечна фискална сметка. Оваа пресметка се врши oд денот на влегувањето во сила на Уредбата со законска сила и не подоцна од 31 декември 2020 година“, наведуваат од УЈП.

Оттаму додаваат дека за имплементација на ова, ја приспособиле и апликацијата МојДДВ.

„Со овие приспособувања за скенираните сметки од 12 јуни 2020 година,повторно ќе се изврши пресметка,според раздвојувањето на македонски добра и услуги со 20 отсто и останатидобра и услуги со 10 отсто, наместо досегашните 15 отсто поврат на ДДВ. Поради оваа повторна пресметка износот на повратот на ДДВ кај физичките лица за второто тримесчје може да претрпи промена“, појаснуваат од УЈП.