Помпео повика на меѓународна коалиција против Кина

Aмериканскиот државен секретар Мајк Помпео,

Вашингтон се обидува да изгради меѓународна коалиција за да се спротивстави на влијанието на Кина, рече денеска американскиот државен секретар Мајк Помпео, при посетата на Лондон. Тој го обвини Пекинг дека ја искористи пандемијата на коронавирус за сопствени интереси.

Помпео денеска се сретна до британскиот премиер Борис Џонсон и други британски политичари, а разговорите ги опиша како искрени.

Тензиите меѓу Западот и Кина се зголемија поради недостигот на транспарентност од страна на Пекинг во врска со појавата на пандемијата, злоупотребите на човековите права и обвиненија за компјутерски напади.

Помпео ја повика секоја земја која ги разбира слободата и демократијата и ги цени истите, да ја признаат заканата од Кина.

„Се надеваме дека можеме да изградиме коалиција што го разбира ова“, рече тој.

Односите на САД со Кина, се затегнати поради низа прашања, вклучувајќи трговија, права на интелектуална сопственост, 5Г технологија и човекови права, коронавирусот. САД ја обвинија Кина дека го доведе во заблуда светот околу избувнувањето на заразата и му овозможи на вирусот брзо да се шири на глобално ниво.

Помпео по неговите состаноци во Лондон изјави дека Кина го искористила коронавирусот за понатамошни сопствени интереси на „срамен“ начин, притоа не кажа како тоа Пекинг го искористил во своја полза.