Најголем опозициски протест во Белорусија пред изборите

кандидатката на претседателските избори Светлана Тихановска

Во главниот град на Белорусија Минск вчера се одржа најголемиот опозициски протест досега. Се собраа околу 5.000 лица кои ја поддржуваат кандидатката на претседателските избори Светлана Тихановска, која ќе му се спротивстави на белорускиот претседател Александар Лукашенко на гласањето на 9 август. Лукашенко, познат по задушувањето на опозицијата и независните медиуми и кој владее со земјата со 9,5 милиони жители од јули 1994 година, се очекува повторно да победи на претседателските избори.

Забрането учество на изборите во Белорусија за главните ривали на Лукашенко

На протестот беше присутна и Тихановска, која инаку е сопруга на популарниот блогер Сергеј Тихановски, кој беше уапсен под обвинение за напад врз полицаец. Таа на протестот изјави дека ќе се бори за ослободување на притворените демонстранти на претходните протести. Белоруските власти неодамна забранија учество на двајцата главни ривали на Лукашенко на претстојните претседателски избори.