Државната изборна комисија (ДИК) за денеска во 18 часот закажа седница на која ќе почне разгледувањето и одлучувањето по 2.142 приговори поднесени за постапката за гласање и за сумирање и утврдување на резултатите од предвремените парламентарни избори 2020, соопшти ДИК.
Од институцијата информираат дека прво ќе се разгледуваат приговорите поднесени за постапката за гласање за што рокот заврши на 17 јули, а ДИК за нив треба да одлучува во рок од 72 часа од поднесувањето.
До истекувањето на рокот вчера во 19 и 30 часот, партијата Левица поднесе 1.982 приговори, Алијанса за Албанците – Алтернатива поднесе вкупно 151 приговор, два ВМРО-ДПМНЕ кои се однесуваат на сумирањето на резултатите од гласањето, а до Комисијата е поднесено и едно барање за увид во неважечките ливчиња од гласањето.
- Поднесени 2.142 приговори до ДИК за резултатите од гласањето
- Левица обвини дека ѝ се украдени 3 мандати, ќе ги тужи членовите на ДИК
Според резултатите на ДИК по завршувањето на гласањето на предвремените парламентарни избори, најмногу мандати освои коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ 46, потоа следуваат коалицијата „Обнова“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ со 44, ДУИ 15, Алијансата за Албанците - Алтернатива 12, Левица два пратеника и ДПА еден.
Недобивањето на датум за преговори за членство во Европската унија во октомври 2019, беше причина лидерите на најголемите партии во земјава да договорат одржување на предвремени парламентарни избори на 12 април оваа година, но тие беа одложени за 15 јули поради избувнувањето на епидемијата на Ковид -19.