Забави во клуб во Струмица, инспекторатот најави кривична пријава

Скриншот од видео објавено од медиуми, за кое се вели дека е направено од забава во угостителскиот објект „Аватар“ во Струмица, каде граѓани не ги почитуваат мерките за заштита од Ковид-19. Од менаџментот на „Аватар“ велат дека скоро во секој локал во градот има слични забави.

Утре до Јавното обвинителство ќе биде поднесена кривична пријава против клубот „Аватар“ во Струмица заради непочитување на здравствени прописи за време на епидемија на коронавирусот, изјави денеска директорот на Државниот пазараен инспекторат Стојко Пауновски, пренесува МИА. Менаџментот на „Аватар“ демантира дека работат како ноќен клуб.

Коментарите доаѓаат откако денеска на социјалните мрежи е споделувано видео од страна на портали и голем број корисници, на кое се гледа дека во угостителски објект се собрани големи групи на луѓе кои се забавуваат на жива музика, непочитувајќи ги мерките за заштита од Ковид – 19, како одржување на физичката дистанца или носење заштитни маски. Пауновски потврдува дека инспекциските служби го посетиле угостителскиот објект во петокот навечер.

„Инспекторите беа таму во петокот навечер, подготвен е записник и ќе биде поднесена кривична пријава заради тоа што ниту еден ноќен клуб во моментов не смее да работи“, вели Пауновски.

Од менаџментот на „Аватар“ велат дека работат како кафе бар на отворено и ги демантираат информациите „во кои се вели дека сме ноќен клуб.“ Оттаму посочуваат дека се придржуваат до сите протоколи и прописи.

„Не се рабти за ноќен клуб, туку за кафе бар. Објектот е на отворено и работи согласно сите законски прописи. Масите се на соодветно растојание, на сите има средства за дезинфекција, вработените постојано носат заштитни маск“, велат од „Аватар.“

Оттаму велат дека немаат надлежност да бараат гостите да носат лична заштита, дека „тие самите одговараат за себе“, а оти објектот работи како сите други угостителски објекти во градот.

„Не сме единствените, скоро во секој локал во градот, кој е за наколку пати помал од нашиот, има слични забави, но за тоа никој не реагира и не споделува фотографии и видеа по социјалните мрежи“, велат од „Аватар.“

Министерот за здравство Венко Филипче денеска побара МВР и надлежните инспекторати да спроведат истраги и да ги санкционираат забавите во повеќе градови за кои се објавени фотографии на социјалните мрежи, а кои се во спротивност со пропишаните здравствени протоколи.

„Гледам фотографии на социјалните медиуми од журки и забави во повеќе градови без да се почитуваат протоколите и мерките за заштита од Ковид-19. Барам итно надлежните институции – МВР и надлежните инспекторати да спроведат истраги и да ги санкционираат овие собирања на недозволен начин! Младите мора во целост да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирус“, напиша Филипче на Фејсбук.

Според протоколот за отоврање и работа на угостителските објекти кој го донесе владата на крајот на мај, бројот на гости во угостителските објекти треба да биде ограничен и да се послужуваат само гости кои може да седат или лица кои преку шалтер ќе подигнуваат нарачки.

„Не е дозволено послужување на гости на стоење и шанк и стоечки маси“, се вели во одлуката на Владата од 57 одржана седница на 26 мај.

Владата неодамна донесе измени и дополнувања на протоколите за работа на кафулињата и угостителските објекти за исхрана со кои беа укинати ограничувањата за седење на две лица на една маса, како и ограничувањето дека на една маса можат да седат само четворица луѓе ако се од исто семејство.

Освен овој случај, во изминатиот период на социјалните мрежи беа споделени бројни фотографии и видеа во кои се гледа дека граѓани не ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот.

Медиумите денеска објавуваат дека слични забави биле организирани и во угостителски објекти во други градови во земјата.