Иран ги испрати на анализа црните кутии од украинскиот лет 752

Војници во Украина ги носат жртвите од соборениот Украински меѓународен лет 752.

Иран ги испрати црните кутии од Украинскиот меѓународен лет 752, кој беше урнат кратко по полетувањето на 8 јануари во на главниот аеродром во Техеран, откако беше погоден од два проектили при што загинаа 176 луѓе.

Исламската република призна неколку дена по уривањето на авионот дека нејзините сили случајно го собориле патничкиот авион кој требаше да слета во Киев.

Во неодамнешниот извештај, иранските воздухопловни власти заклучија дека причината за инцидентот е погрешно поставена ракетна батерија и погрешна комуникација меѓу војници и нивните повисоки офицери.

Летот 752 беше соборен истата вечер кога Иран спроведе напад со балистички ракети кои беа насочени кон американски војници во Ирак, а иранската воздушна одбрана беше на висока готовност во време на спроведување на акција за одмазда.

Нападот беше одговор на американскиот напад со дрон пет дена претходно, во кој беше убиен моќниот командант на Иранската револуционерна гарда – генерал мајор Касем Солејмани во Багдад.

Канада и Украина бараа од Иран црните кутии да ги испрати на анализа во странство, бидејќи Техеран немаше намера да ги декодира клучните инфорамции кои се содржани во уредите за снимање на инфорации.