Американскиот претседател Доналд Трамп вети дека нема да им нареди на Американците да носат маски за да се спречи ширењето на коронавирусот.
Неговиот коментар доаѓа откако главниот експерт за заразни болести во САД Ентони Фаучи ги повика државите и локалните лидери да го повикаат народот да носи маски.
„Носењето маски на лице е многу важно и сите треба да ги користиме“, рече Фаучи.
Повеќето од гувернерите во САД наредија носење на маски на отворено.
Претседателот Трамп, кој претходно се противеше на носењето заштитни маски, за прв пат минатата сабота се појави во јавноста носејќи маска.
Но, зборувајќи за „Фокс Њуз“ на 17 јули, Трамп изјави дека луѓето мораат да имаат слобода на избор и дека нема да нареди да носат маски.
Во САД за еден ден заразени 77.638 луѓе од коронавирусот
Претходно оваа недела, американското тело за јавно здравство – Центарот за контрола и превенција на болести ЦДЦ, објави соопштение во кое ги повикува сите да носат маски.
„Не сме беспомошни во борбата против коронавирусот. Маските за лице се едно од најмоќните оружја кое мораме да го употребиме за да го успориме ширењето на вирусот“, изјави директорот на ЦДЦ Роберт Р. Редфилд.
САД и натаму се во епицентарот на глобалната пандемија со моментално 3,6 милиони заразени луѓе од коронавирусот, а битката со Ковид-19 ја загубија 139.000 луѓе што е најголема смртност во светот.