Приговори за сумирањето и утврдувањето на резултатите од предвремените парламентарни избори 2020 ќе може да се поднесуваат до 19 часот и 30 минути вечерва, откако вчера до Државната изборна комисија (ДИК) пристигнале 82 приговири и едно барање за увид во неважечките ливичиња од гласањето, соопшти ДИК.
Портпаролот на ДИК Адмир Шабани изјави дека најголем број од приговорите (74) се од Алијанса за Албанците – Алтернатива, а два има од ВМРО-ДПМНЕ кои се однесуваат на сумирањето на резултатите од гласањето. Вчера до 21 часот траеше рокот за поднесување на приговори за постапката на гласање.
Роковите за приговори почнаа да течат вчера вечер, откако Државната изборна комисија ги објави неофицијалните конечни резултати од изборите.
Претседателот на ДИК Оливер Дерковски изјави дека по завршувањето на роковите за поднесување приговори, ДИК ќе закаже јавна седница на која ќе ги разгледува и ќе одлучува за нив.
Резултатите прелиминарни, нов парламент за 20 дена
На 15 јули во Северна Македонија беа одржани предвремени парламентарни избори во услови на пандемија на коронавирусот и траеја три дена, а се гласаше со маски и други превентивни мерки според протоколот што го утврдија здравствените работници.
Недобивањето на датум за преговори за членство во Европската унија во октомври 2019, беше причина лидерите на најголемите партии во земјава да договорат одржување на предвремени парламентарни избори на 12 април оваа година, но тие беа одложени за 15 јули поради избувнувањето на епидемијата на Ковид -19.
Засега според податоците на ДИК, најмногу мандати има коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ 46, потоа следуваат коалицијата„Обнова“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ со 44, ДУИ 15, Алијансата за Албанците - Алтернатива 12, Левица два пратеника и ДПА еден.