Уште 77 нови приговори до ДИК, најмногу од Алијанса за Албанците

Архивска фотографија- седница на Државната изборна комисија

До Државната изборна комисија (ДИК) попладнево, покрај веќе поднесените пет, пристигнале уште 77 приговори за изборите. Од нив, како што информираат од ДИК, 74 се од Алијанса за Албанците, еден е од Глас за Македонија, додека два се од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ДИК не прецизираат на што се однесуваат приговорите од Алијанса за Албанците, но оние од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се за сумирање на резултатите.

До 21 часот вечер е рокот кога може да се поднесе приговор за постапката за гласање, а до утре до 19 часот и 30 минути е рокот до кој партиите треба да поднесат приговори за сумирањето и утврдување на резултатите од предвремените парламентарни избори.

Претходно до комисијата приговори поднесоа партијата Демократи, Работничка партија МОРО, СДУ и Интегра. Пред ДИК да ги објави неофицијалните конечни резултати, партијата на Јанко Бачев Единствена Македонија доставила барање за увид во неважечки ливчиња.

Според првичните резлтати од изборите што се одржаа во средата, коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ освои 46 пратеници, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, Алијанса за Албанците и Алтернатива 12, Левица два и ДПА еден мандат.