До Државната изборна комисија (ДИК) до попладнево пристигнале пет приговори и едно барање за увид во неважечките ливчиња од гласањето за предвремените парламентарни избори во средата.
До Комисијата два приговори поднела партијата Демократи кои се однесуваат за неважечките гласачки ливчиња. Приговори попладнево поднесоа и Работничка партија МОРО, СДУ и Интегра. Пред ДИК да ги објави неофицијалните конечни резултати, партијата на Јанко Бачев Единствена Македонија доставила барање за увид во неважечки ливчиња. До 21 часот вечер е рокот кога може да се поднесе приговор за постапката за гласање.
До утре, пак, до 19 часот и 30 минути е рокот до кој партиите треба да поднесат приговори за сумирањето и утврдување на резултатите од предвремените парламентарни избори.
ДИК со задоцнување вчера ги објави неофицијалните конечни резултати од изборите поради, како што изјави претседателот Оливер Деркоски, хакерски напад на веб-страната на Комисијата.
Предвремените парламентарни избори се одржаа под посебни услови поради пандемијата со КОВИД -19. Се гласаше во понеделникот кога се изјаснуваа лицата со КОВИД -19 и во самоизолација, во вторникот кога гласаа болните, изнемоштените и хронично болните и затворениците и во средата кога беше изборниот ден. Победи коалицијата „Можеме“ предводена од лидерот Зоран Заев кој освои 46 мандати на изборите, опозициската ВМРО-ДПМНЕ има 44, ДУИ освои 15 мандати, Алијансата на Албанците и Алтернатива 10, Левица 2 и ДПА 1 мандат.