Левица обвини дека ѝ се украдени 3 мандати, ќе ги тужи членовите на ДИК

Илустрација - Рекламен билборд на „Левица“ за парламентарните избори 2020

Димитар Апасиев, претседателот на Левица, на денешната прес-конференција, рече дека се сомневаат оти нивната партијата по вчерашните избори е оштетена за минимум околу 10 илјади гласа и дека им се украдени, како што рече, тројца пратеници, во изборните единици 1, 2 и 4.

Тој најави дека Левица ќе поднесе приговор во законскиот рок од 48 часа, а најави и кривични пријави против членовите на ДИК, бидејќи, како што рече, имало „невиден скандал во досегашната изборна историја“.

„Според нашиот аналитички центар, не кореспондираат електонските записници со хартиените записници. На овој начин, ние сме искрадени по 30-40 гласа во урбани средини по избирачко место, а пратениците кои „висат“ во овие три изборни единици се за 200 до 600. Тоа значи дека доколку не беа овие изборни нерегуларности ние ќе имавме чисти плус тројца пратеници“, рече Апасиев.

Во однос на можни преговори со политичките партии околу формирашето на нова Влада, Апасиев рече дека „засега немаат контакти со политички партии за коалицирање, но дека со СДСМ нема за што да разговараат“.