Европската комисија, во име на ЕУ, потпиша Меморандум за разбирање со Северна Македонија за да го отвори патот за исплата на макрофинансиска помош од 80 милиони евра. Ова е прв меморандум за разбирање, потпишан како дел од пакетот од 3 милијарди евра, што Комисијата го предложи за десет проширувања и за соседски партнери, за да им помогне во справувањето со економските последици од пандемијата на коронавирус.
„Овие средства ќе бидат достапни во форма на долгорочни заеми по многу поволни услови. Средствата ќе придонесат за подобрување на макроекономската стабилност и создавање простор за распределување ресурси за ублажување на сериозните негативни социо-економски последици од пандемијата на коронавирус. Програмата за Северна Македонија е во вредност од 160 милиони евра“, соопшти ЕК.
Паоло Гентилони, комесар за економија, рече: „Денес потпишавме Меморандум за разбирање со Северна Македонија, отворајќи го патот за исплата на финансиска поддршка од 80 милиони евра. Ова е прв меморандум за соработка, потпишан како дел од пакетот за макрофинансиска помош од 3 милијарди евра, за поддршка на 10 земји во соседството на ЕУ. ЕУ е посветена да се бори против пандемијата на коронавирус и во рамките на ЕУ и надвор од нашите граници. Ние сме солидарни со Северна Македонија. Заедно сме посилни“
ЕК соопшти дека исплатата на втората и последна рата ќе биде условена од спроведувањето на политичките активности договорени меѓу ЕУ и Северна Македонија и утврдени со Меморандумот за разбирање.
Поточно, Меморандумот за разбирање вклучува девет услови поврзани со зајакнување на фискалното управување и транспарентноста, борбата против корупцијата, зајакнувањето на супервизијата на финансискиот сектор, подобрување на деловното опкружување и справувањето со невработеноста кај младите. Програмата за помош ќе биде достапна за период од 12 месеци.